Gamze Türkoğlu Oğuz
06 Декември 2018•Ажурирај: 07 Декември 2018
АНКАРА (АА) – Најмалку 2 лица го загубија животот, а 27 лица се повредени во бомбашкиот терористички напад изведен врз седиштето на полицијата во градот Чабахар, во провинцијата Систан и Белуџистан, сместена во југоисточниот дел на Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иранската државна телевизија објави дека врз полициската станица на улицата „Рига“ во Чабахар е извршен напад со возило бомба.
Рехмдил Бамери, заменик-гувернерот на Чабахар, изјави дека нападот е извршен со камионет полн со експлозив.
Според Бамери, самоубиствениот напад во Иран бил извршен во 9:55 по локално време.
„Терористот, кој се наоѓал во камионетот, сакал да влезе во полициската станица, но откако се соочил со интервенција од страна на безбедносните сили, бомбата ја активирал на влезот од зградата“, истакна Бамери.
Во првичната изјава во врска со настанот Бамери имаше изјавено дека во нападот животот го загубиле 4 лица, за потоа во изјавата дадена за државната телевизија да ја смени изјавата, поправајќи се дека експлозијата предизвикала смрт на 2 лица.
Тој рече дека во нападот 2 лица од безбедносните сили го загубиле животот, и дека има голем број ранети, меѓу кои и цивили.
Здравствениот центар на Чабахар информираше дека 27-те лица повредени во нападот се префрлени во болници.
- Oдговорноста за нападот ја презела организацијата „Енсарул Фуркан“ -
Во вестите објавени во иранските медиуми се тврди дека одговорноста за нападот ја презела организацијата „Енсарул Фуркан“, но Мухамед Пакпур, командатот на копнените сили на иранската Револуционерна армија, во изјавата дадена на местото на несреќата, изјави: „Досега ниту една група или лице не ја презеде одговорноста за нападот.“
Пакпур нападот го опиша како „слеп напад“, без да направи разлика меѓу цивили и војници.
Чабахар се наоѓа во југоисточниот дел на Иран, на брегот на Арапско Море, и претставува зона на слободна трговија. Истовремено, градот го има пристаништето „Чабахар“, кое е заеднички проект на Иран, Индија и Авганистан.