Hasan Esen
15 Декември 2017•Ажурирај: 15 Декември 2017
БРИСЕЛ (АА) - На самитот на лидерите на земјите-членки на ЕУ во Брисел, официјално на сила стапи Програмата на постојана структурна соработка во одбраната (PESCO) која предвидува постојана и посилна соработка на земјите-членки на Унијата во областа на одбраната, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во обраќањето пред присутните рече дека идејата за заедничка одбрана во Европа се појавила пред половина век, но тоа, како што рече, не можело да се реализира поради разни проблеми.
„Денес, овој сон стана реалност. Денес го започнавме ПЕСЦО (PESCO), што во практика претставува одраз на нашата волја во поглед на градење на европската одбрана“, рече Туск.
Тој додаде дека оваа програма е добра вест за Европската Унија и нејзините сојузници, а лоша за непријателите.
Во ПЕСЦО учествуваат: Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Хрватска, Кипар, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Холандија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Ирска и Португалија, додека Велика Британија, Малта и Данска одлучиле да останат надвор од програмата.
Се смета дека влегувањето во сила на ПЕСЦО е одличен ден за ЕУ со цел да ги зајакне одбранбените способности на своите земји-членки.
Земјите-членки на ЕУ планираат заеднички да инвестираат во одбранбените капацитети од ПЕСЦО, подобро да ја координираат оперативната подготвеност на своите вооружени сили и да спроведат заеднички проекти за одбрана.
Многумина веруваат дека оваа програма претставува прв чекор кон формирање на „европска армија“.
Во Брисел денес започна самитот на лидери на земјите-членки на ЕУ на кој ќе се дискутира за голем број прашања, вклучувајќи го Брегзит, миграциите, Кудс, Русија, одбраната како и социјалните и економските прашања.
Самитот на лидери на земјите-членки на ЕУ, на кој учествуваат лидерите на сите 28 членки на Унијата, завршува утре.