Burcu Çalık
11 Мај 2018•Ажурирај: 12 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека на другите земји може да им биде доволна стапка на економски раст од два или три отсто, но целта на Турција е насочена кон стапка не помала од седум отсто, дури и ако е можна двоцифрена стапка, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган имаше обраќање на свеченоста за доделување признанија на Турската унија на комори и берзи (ТОББ) во Анкара, каде што се осврна на актуелните случувања во земјата.
„Нас не нè интересираат ниту шпекулации околу курсот, ниту каматните лобија, ниту пак непријателите на Турција, кои се скриени под маската на рејтинг агенциите. Тие не нè интересираат“, рече Ердоган.
Додаде дека тие се обиделе да ја задушат Турција во плитка вода, но „ние нашата земја ја однесовме на безбедно пристаниште“, рече Ердоган.
Во однос на одлуката на агенцијата за кредитен рејтинг S&P за Турција, Ердоган рече: „Ние не сме членки на таа агенција за кредитен рејтинг. Во овој контекст, нема овластување да дава било какви забелешки во врска со нас, нека даде оценки на учениците за чиј учител се смета, на нас не може“.
Во врска со предвидувањата за претстојните претседателски и парламентарни избори, што ќе се одржат во Турција на 24-ти јуни, Ердоган рече:
„Што ќе се случи со овие избори? Па ќе биде она што беше на претходните 12 избори“.
Зборувајќи за економскиот раст на Република Турција, Ердоган истакна дека Турција треба да има цел за дури двоцифрена стапка на економски раст.
„Во други земји може да биде доволен економски раст од два до три отсто. Ние мораме да целиме кон стапки на раст кои не паѓаат под седум отсто, дури и ако е можно, тоа да биде двоцифрена стапка“.