Admir Fazlagic
06 Октомври 2016•Ажурирај: 07 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Младен Иваниќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, кој престојува во работна посета на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на кабинетот на претседателот Иванов, двајцата соговорници констатираа добра билатерална соработка меѓу двете земји, без отворени прашања, и изразија заемен интерес за јакнење и продлабочување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
„На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот, во контекст на актуелните предизвици и неговите евроатлански перспективи. Членот на Претседателството, Иваниќ, го запозна претседателот Иванов со актуелните политичко-економски состојби во Босна и Херцеговина и со клучните предизвици на земјата во наредниот период. Во таа насока, беа реафирмирани заложбите за натамошна меѓусебна помош, поддршка и соработка, со цел побрзо исполнување на стратешките цели на двете земји“, пишува во соопштението.
Се додава дека соговорниците размениле информации за престојните состаноци на регионалните иницијативи во кои учествуваат двете земји, како и предлог-идеи за унапредување на регионалната соработка и соработката на мултилатерален план.
„Притоа, беше изразена загриженост од одредени ретроградни процеси, кои во актуелниот момент, кога Европа и регионот се соочуваат со сериозни безбедносни предизвици, можат дополнително да ги влошат состојбите и односите во регионот“, се додава во соопштението.
Како што информираат од кабинетот на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, тој ја нагласил подготвеноста на Република Македонија за натамошно унапредување на односите со Босна и Херцеговина и за продлабочување на соработката, особено во областа на економијата и безбедноста.
„Економската соработка, констатираа двајцата соговорници, не го следи нивото на политичките односи меѓу двете земји, ниту пак соодветствува со реалните можности и капацитети“, се истакнува во соопштението.
На крајот се наведува дека е заемен заклучокот оти е неопходно низ дијалог и забрзана интеграција, како и со фокусираност на крупни инфраструктурни поврзувања, да се дојде до политичка, економска и безбедносна консолидација во регионот на југоисточна Европа.
Воедно, претседателот Иванов го реафирмирал интересот за официјална посета на тројцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина на Република Македонија.