Ivana Ramadanova
08 Август 2016•Ажурирај: 09 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Македонија денес одбележува Ден на жалост, откако завчера во поплавите што го зафатија Скопје и скопскиот регион, животот го загубија 21 лице, јавува Anadolu Agency (AA).
На вонредна седница Владата прогласи кризна состојба во траење од 15 дена во регионот на Скопје и Тетово, кои се погодени од невремето. Од таму соопштија дека е донесена одлука за доделување паричен надомест од 300 илјади денари за семејствата на починатите граѓани.
Во страшното невреме кое завчера го зафати Скопје, починаа 21 лице. Загинатите се во реонот на приградските населби Сингелиќ, Стајковци, Црешево и обиколницата кај Смилковци.
Итната медицинска помош информираше за 65 интервенции, а во болниците во главниот град помош побарале над 70 лица.
Невремето нанесе огромна материјална штета, оштетени се куќи, улици и автомобили.