Новата рунда преговори повторно без позитивен резултат
По денешната средба која за разлика од претходните денови траеше кратко, амбасадарот на САД Џес Бејли изјави дека разговорите меѓу политичките партии ќе продолжат утре откако денеска повторно не е постигнат договор.Ivana Ramadanova
19 Јули 2016•Ажурирај: 20 Јули 2016
SkopjeСКОПЈЕ (АА) - По синоќешните разговори на четирите политички партии, потписнички од Договорот од Пржино, денешната рунда преговори се одржа на различна локација во Клубот на пратеници, но со ист исходот – договор нема, јавува Anadolu Agency (AA).
По денешната средба, која за разлика од претходните денови траеше кратко, амбасадарот на САД, Џес Бејли изјави дека разговорите меѓу политичките партии ќе продолжат утре, откако денеска повторно не е постигнат договор.
„Договор нема, преговорите ќе продолжат утре“, изјави кратко амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли.
Пред почетокот на средбата, тројца од четирите претставници на политичките партии дадоа изјава за медиумите за своите очекувања од денешните преговори и побараа конструктивност.
Според Радмила Шекеринска, од она што се случувало во последните два месеца станува јасно дека ВМРО ДПМНЕ бега од фер и регуларни демократски избори, бега од Договорот од Пржино, бега од спроведување на сето она што беше ветено во текот на минатата и оваа година.
„Заради тоа им беше потребно да ги менуваат законите што се однесуваат на министерот за внатрешни работи, и заради тоа им е потребно да ги проблематизираат сите работи што беа затворени во 2015 година. Не е поентата во преговорите да бидете тврдоглав, важно е да знаете што е потребно, не за нас ниту на која било друга политичка партија, туку што е им е потребно на граѓаните и на оваа држава. Разврска на кризата и фер и демократски избори, сѐ под тоа за нас е неприфатливо. Меѓутоа сите идеи коишто можат да нѐ доведат до фер и демократски избори и до решавање на кризата којашто на оваа држава и на нејзините граѓани им одзема премногу време, сето тоа е вредно да се разгледува“, рече Шекеринска.
Никола Тодоров истакна дека денеска сите ќе се обидат да дојдат до договр затоа што тоа според политичките партии е во интерес на граѓаните и за завршување на кризата, но она што го има од другата страна, како што рече, е постојано одбивање на сите предлози од страна на СДСМ.
„Генерално се разговара за две работи. Како прво, по завршувањето на изборите да заврши и таканаречената Пржинска влада. Ништо спорно нема во тоа. И второ, да не може да се прават масовни партиски чистки и злоупотреба на МВР за време на овие 100 дена. Тоа се двете работи коишто треба да се обезбедат“, истакна Тодоров.
Артан Груби пред почетокот на средбата изјави дека разговорите се одвиваат во многу позитивна атмосфера, истакнувајќи дека партиите се многу блиску до договор за решавање на политичката криза.
„Се надевам дека договор ќе постигнеме денес или утре и тоа значи дека единствениот датум за одржување избори годинава е 11 декември затоа што сите други датуми се невозможни за одржување на изборите. Се надевам дека двете политички партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ќе се надминат себеси затоа што разликите се минимални и денеска или најдоцна утре ќе постигнеме договор за да бидат возможни изборите на тој датум којшто го споменав“, истакна Груби.