Tanju Özkaya
11 Октомври 2018•Ажурирај: 12 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - ТАЊУ ОЗКАЈА -
Anadolu Agency (AA) дојде до нови снимки од масакрите над цивилите кои го изведуваа пучистите во текот на обидот за воен удар од страна на терористичката организација ФЕТО на 15 јули 2016 година.
Станува збор за снимки на кои се гледаат пучисти кои за време на обидот за пуч го окупираа седиштето на Генералштабот на турската војска.
Надзорните камери во комплексот на Генералштабот го снимиле моментот кога пучистите убиваат еден цивил во оклопно возило.
Снимките се вклучени како доказен материјал во судскиот процес кој го води 17. Кривичен суд во Анкара. Станува збор за процес поврзан со окупирањето на Генералштабот во текот на пучот.
Пучистите во текот на окупацијата на Генералштабот користеа тенкови и оклопони возила со кои ги блокираа влезовите во комплексот.
Оклопно возило „Кобра“ застанува меѓу два тенка, а набргу потоа отворени се задните врати, при што камерите снимиле како пучистите брутално малтретираат еден цивил.
На снимките, исто така се гледа како пучистите, по убиството, од возилото без облека го исфрлаат телото на убиениот на улица.
Безживотното тело со минути лежи на земја, а другите пучисти рамнодушно се движат покрај него.
Убијците подоцна се враќаат на местото на злосторството и по наредба на пучист со чин тенкист, телото на убиениот го носат кон блиските грмушки.
Точно три и пол часа подоцна, оклопното возило „Кобра“ се враќа на местото на злосторството, а пучистите забрзано го бараат телото на убиениот.
Присутните пучисти ги упатуваат кон местото на кое се наоѓа телото, го прегледуваат и го носат од тоа место.
Терористичката организација ФЕТО во 1970-тите години почна да ги инфилтрира своите пoданици во безбедносните институции на Турција, за во 1980-тите да ги зајакне своите паралелни пирамиди во овие институции, за на крајот, на 15 јули 2016 година, да изведе обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната власт во Турција.
За време на обидот за воен удар во Турција убиени се 251 лице, а околу 2.200 беа повредени. Турските надлежни институции започнаа опсежна борба против оваа терористичка организација, предводена од Фетула Ѓулен.