Admir Fazlagikj
21 Ноември 2016•Ажурирај: 21 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска политичките партии официјално ја започнуваат изборната кампања за изборите закажани за 11 декември 2016 година, којашто ќе трае до 9 декември на полноќ, јавува Anadolu Agency (AA).
ВМРО-ДПМНЕ (Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство) кампањата ја започнува вечерва, со митинг во Охрид, СДСМ (Социјал-демократски сојуз) од Прилеп, ДУИ (Демократска унија за интеграција) синоќа одржа конвенција во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, додека пак ДПА ќе започне со средба со гласачите во Студеничани.
Кампањата на најголемата владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, како што информираат, ќе се одвива преку директни средби со граѓаните, митинзи и трибини, а исто така слична агенда најави и СДСМ, како што најавуваат, преку директни средби со граѓаните.
ДУИ најави дека ќе настапи со стратегија „од врата до врата“, со посета на потенцијалните гласачи, но и митинзи низ градовите. ДПА (Демократска партија на Албанците) исто така најави дека ќе остварува непосредни средби со граѓаните, од кои ќе ја побара нивната доверба.
Синоќа, предизборната кампања ја започна и коалицијата Алијанса за Албанците, составена од ДР-ДПА, Унитети и НДП, со конвенција во Гостивар.
Партијата ФРОДЕМ, која е дел од коалцијата за Промени и правда, денеска ќе оствари средба со симпатизерите. Партијата Левица денеска ја започнува изборната кампања со средба со граѓаните на Битола. Партијата БЕСА утре ќе одржи промоција во Скопје, а коалицијата ВМРО за Македонија кампањата ја почнува во Охрид.
Одржувањето на предвремените избори закажани за 11 декември е резултат на договорот на лидерите на четирите најголеми политички партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА), кои по долгите преговори на 31 август се договорија за одржување на изборите со цел државата да излезе од политичката криза.
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека на овие избори, според Избирачкиот список, право на глас имаат 1.783.715 лица. Од нив 287.109 се во Изборната едница (ИЕ) 1, 307.675 се во ИЕ 2, 282.885 се во ИЕ 3, 285.628 се во ИЕ 4, 296.322 се во ИЕ5 и во 314.096 се регистрирани во Изборната единица 6.
Исто така, ДИК соопшти и дека на предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември 2016 година, 20.591 граѓани своето гласачко право ќе можат да го остварат во 41 дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија во странство, односно конзуларни канцеларии.