Ekipa
16 Февруари 2016•Ажурирај: 17 Февруари 2016
АТИНА (АА) - Четири од петте нови центри за регстрација на мигранти се „подготвени за почеток со работа и примање на мигрантите”, рече денес грчкиот министер за одбрана, јавува Anadolu Agency (AA).
Како резултат на притисокот врз Грција за подобро менаџирање на приливот на мигранти, Панос Каменос, даде изјава во Атина пред неговото заминување на турнеја низ островите од Источниот Егеј, каде што се отвори регистрациски центар за мигранти на островот Чиос.
Според Министерството за одбрана, центарот на Чиос, заедно со центарот на островот Самос, има капацитет за згрижување на 1.000 лица во времетраење од два дена. Лесбос и Лерос пак ќе можат да сместат 800 лица.
Имиграциониот центар на Кос е сè уште во изградба и ќе биде готов за „пет дена”, рече Каменос, доцнењето е поради противењето на локалниот градоначалник и жителите кои сметаат дека тоа ќе влијае врз туризмот.
Грчките острови се соочуваат со голем бегалски бран од блискиот турски брег. Минатата година, над 850.000 бегалци пристигнале во Грција по морски пат а Атина е под интензивен притисок од своите партнери од ЕУ да го контролира тој огромен прилив на бегалци кон Европа.
Грција вети дека ќе ги изгради долго очекуваните центри до 15-ти февруари. Вчера, европските лидери од Унгарија, Полска, Чешка и Словачка предложија да постават втора ограда на границата со Македонија и Бугарија.
„Претпоставувам дека одредени земји од ЕУ веќе донесоа одлука да ги затворат своите граници”, изјави Каменос во ТВ интервју истиот ден. „Но ние мора да ѝ покажеме на Европа дека сме подготвени”.
Каменос верува дека одлуката која дојде претходните денови со која му се дозволи на НАТО да помогне во борбата против шверцерите во Егејското Море ќе помогне „во намалување на протокот (на бегалци)”.