СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје беше потпишан протокол за соработка меѓу Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и општините Радовиш и Валандово, за проектот за изградба на нови училишта во радовишкото село Калаузлија и валандовското село Казандол, јавува Anadolu Agency (AA).
Протоколот беше потпишан од страна на координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајден, градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, и градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов, во чии рамки, од страна на ТИКА, ќе се изградат и опремуваат две нови училиште во горенаведените села.
Координаторот на ТИКА, Ајден, во изјава за медиумите истакна дека во последниот период реализирале проекти во областа на реставрација и опремување на училишта во земјата, и дека денес потпишуваат два протокола за соработка за изградба на две училишта во Источна Македонија.
„Ние претходно реализиравме 12 проекти за изградба и реставрација на училишта во Источна Македонија. Ова ќе биде 13. и 14. училиште“, додаде Ајден.
Како што рече тој, тие како ТИКА реализирале околу 40 проекти за училишта во различни места во Македонија.
„Во овие училишта ќе има по три училници, една канцеларија за наставници, исто така систем за греење, а со тоа ќе им обезбедиме на учениците да се стекнат со образование во помодерни, почисти и поздрави услови“, нагласи Ајден.

Ајден изрази задоволство од тоа што ќе изградат училишта во овие две села, бидејќи училиштето во Казандол е изградено пред 70, а во Калаузија пред околу 40 години, и додаде дека училиштата ќе се градат на површина од 105 метри квадратни.
Градоначалникот на општина Радовиш, Конзулов, рече дека се чувствува среќен од тоа што повторно ќе се гради едно училиште во селото Калаузлија, и рече дека ТИКА реализирала голем број проекти во овие подрачја.
„Можам да напоменам дека во нашата општина, во селото Калаузлија и во селата Али Коч и Коџалија е изграден нов водовод, со кој граѓаните на овие две населени места се чувствуваат сигурни поради обезбеденаата чиста и здрава вода“, додаде Конзулов.
„Општина Радовиш има 20 населени места, плус општината, 21, од кои седум села целосно со типично турско население“, информираше Конзулов, изразувајќи надеж за продолжување на ваквите проекти на ТИКА.
Градоначалникот на општина Валандово, Костадинов, упати благодарност до ТИКА и нејзиниот координатор во Скопје, Ајтекин Ајден. „Мислам дека со овој протокол кој го потпишуваме денес, покажуваме дека продолжуваме заедно да ги решаваме крупните инфраструктурни проблеми со кои се соочуваат граѓаните во нашата општина, пред сè, граѓаните од турската националност“, нагласи тој.
Костадинов истакна дека оваа помош која ја нуди ТИКА е пример за многу други агенции и за многу други здруженија кои функционираат во Македонија, и додаде дека благодарение на овој проект, населеното место Казандол ќе добие нова училишна зграда, а учениците ќе учат во софистицирани услови.
news_share_descriptionsubscription_contact
