Besar Ademi
05 Ноември 2017•Ажурирај: 06 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на неколку невладини организации, семејствата на обвинетите во случајот „Дива Населба“ поддржани и од страна на десетици граѓани се собраа на плоштадот Скендербег во Скопје со цел да го изразат својот револт против првостепената судска одлука, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите, кои побараа меѓународна истрага за случајот „Дива Населба“, нагласија дека ќе продолжат да протестираат на различни начини сѐ додека не се повтори истрагата од страна на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД), бидејќи, според нив, судската одлука била политичка.
„Ние денес велиме пред целиот свет дека судот изрече неправедни и политички казни. Се надевавме дека со промена на владата, по две и пол години судот ќе ја разјасни вистината за настаните на 9 и 10 мај во 2015 година. Ние не интервениравме, и одлуките ги чекавме мирно, но од денеска понатаму ќе протестираме за слобода и правда за секого“, истакна Даим Исени, претседател на ветераните на Националната ослободителна војска (УЧК) во Македонија.
Претседателката на групата на семејствата на обвинетите во случајот „Дива Населба“, Дашурие Сефа, пренесе дека бараат целиот процес за случајот, почнувајќи од почетокот, да се истражи од страна на меѓународните, бидејќи, како што рече високите државни структури на Македонија биле директно вклучени во настаните на 9 и 10 мај.
„Ние апелираме до Владата и до новите власти во Македонија, правда, правда и само правда. Вратете ги децата повторно на едно праведно и хумано судење. Истражете, донесете ги пред органите на правдата сите поттикнувачи, манипулатори, профитери, наредбодавачи, спроведувачи и целиот криминален синџир на македонските и албанските власти кои пред сѐ ги оштетиле граѓаните и државата Македонија“, рече Сефа.
Од друга страна, претседателот на Меѓународниот форум за човекови права и слободи со седиште во Обединетите нации (ОН), Идриз Синани, упати апел до Министерството за внатрешни работи во истрагата да се соработува со меѓународните власти, особено со албанските и косовските, за целосно разјаснување на случајот.
„Меѓународниот форум за човекови права и слободи ќе ги информира сите меѓународни институции, како што се ОН, ЕУ, Меѓународниот суд во Стразбур и во Хаг. Нашите барања ќе бидат - претходните власти да одговараат пред меѓународната правда за монтираните случаи на Албанците во Македонија“ рече Синани.
Во четвртокот, на 2 ноември, Кривичниот суд Скопје ја соопшти пресудата за 37 обвинети од оружената група за настаните во 2015 година во кумановската „Дива Населба“. Осуммина обвинети се осудени на доживотен затвор, четворица беа пуштеи на слобода, додека на дел од останатите обвинети им беа изречени кази од 12 до 40 години затвор. Обвинетите беа осудени за кривичните дела „терористичко здружување“ и „тероризам“.
Шеснаесетмина од обвинетите за кривичните дела „терористичко здружување“ и „тероризам“, се државјани на Косово, еден на Албанија, еден на Германија, додека другите се Албанци од Македонија.
Потсетуваме, на 9 и 10 мај 2015 година, во „Дива Населба“ во Куманово, оружена група се судри со безбедносните сили на Македонија. За време на судирот беа убиени осум полицајци од специјалните единици на Министерството за внатрешни работи, а 40 беа повредени. Во судирот исто така, беа убиени и 10 припадници на оружената група.