Ekipa
16 Април 2017•Ажурирај: 16 Април 2017
АНКАРА (АА) - Утрово во седум часот по локално време (06:00 CET) отворени се избирачките места во источниот дел на Турција, на кои гласачите ќе се изјаснат за предлог уставните реформи, што претходно ја поминаа парламентарната процедура, а со кои се предвидува воведување на претседателски систем на управување во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во 8:00 часот по локално време отворени се избирачките места и во останатиот дел на државата.
Право на глас во Турција имаат 55.319.222 гласачи, кои ќе можат својата граѓанска должност да ја извршат во 167.140 избирачки места.
Во овој број на регистрирани гласачи влегуваат и 1.269.282 гласачи кои ќе наполнат 18 години до денес, на денот на одржување на референдумот.
Освен тоа, во затворите ќе бидат поставени 461 избирачки места.
Избирачките места ќе се затворат во 16 часот по локално време во источниот дел на Турција, а во другите делови на земјата, каде што гласањето почнува во 08:00 часот ќе се гласа до 17:00 часот.
Во периодот од 27. март до 9. април на референдумското прашање дали се поддржуваат реформите кои вклучуваат вкупно 18 измени на актуелниот турски устав, се изјаснуваше и турската дијаспора.
Во вкупно 57 земји од светот, вклучувајќи ги и земјите од регионот, гласаа речиси 1,5 милиони Турци, од вкупно 2,9 милиони регистрирани.
Досега скоро 100.000 турски државјани кои живеат надвор од Турција гласаа на избирачките места на граничните премини и на аеродромите, а тие изборни места ќе останат отворени сѐ до вечерното затворање на избирачките места во цела Турција.
Гласањето на турсксата дијаспора во Европа го одбележаа тензиите меѓу Турција и некои земји кои ги забранија предреферендумските собири.
Во спречувањето на заговорниците на уставните реформи во Турција да одржат предреферендумски собири во преден план беа Холандија, Германија и Австрија, чии голем број политичари јавно го изразија својот став и ја поддржуваа кампањата против уставните реформи во Турција.
Најголем инцидент се случи во Холандија, кога тамошните власти, прво го откажаа гостопримството на шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, а потоа и на турската министерка за социјална политика и семејство Фатма Бетул Каја, која беше депортирана во Германија и спречена во обидот да го посети турскиот конзулат во Ротердам.
Властите на европските земји кои ги забранија собирите на заговорниците на уставните реформи во Турција дозволија одржување на собори на турската опозиција која се спротивставува на овие реформи.
Предложените уставни реформи во Турција предвидуват засилување на моќта на претседателот на државата и укинување на функцијата премиер. Во Парламентот ќе се зголеми бројот на пратеници од 550 на 600, а кандидати на парламентарните избори во Турција ќе можат да бидат сите граѓани кои наполниле 18 години. Досега кандидати може да бидат само лица кои наполниле 25 години.
Претседателот на државата ќе може да ги задржи врските со матичната партија, а се предвидува првите претседателски избори, во согласност со Уставот, да се одржат во ноември 2019 година. Мандатот на претседателот ќе трае 5 години и истата личност ќе може таа функција да ја извршува најмногу два пати.