Ekipa
09 Јули 2018•Ажурирај: 09 Јули 2018
АНКАРА (АА) - ЕНЕС КАПЛАН/ИЛКАЈ ГУДЕР -
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ќе положи заклетва и со свечена церемонија во Претседателската палата ќе го започне новиот мандат на чело на државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган на претседателските избори одржани на 24 јуни освои 26.330.823 гласови и е избран за прв претседател на Турција кој ќе има значително поголеми надлежности, бидејќи земјата преминува од парламентарен во претседателски систем на управување.
Во Големото народно собрание на Република Турција Ердоган ќе положи свечена заклетва како претседател на државата за наредниот петгодишен мандат.
Потоа тој ќе го посети Аниткабир, мавзолејот на основачот и прв претседател на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, а потоа во Претседателската палата ќе започне свеченоста за инаугурацијата.
Ердоган ќе биде инаугуриран со највисоки државни почести, а самата свеченост по бројот и репрезентативноста на присутните ќе влезе во редот на најзначајните манифестации од ваков вид во светот.
Се очекува присуство на речиси 10.000 службеници и гости, вклучувајќи и претставници на различни групи и заедници.
Испечатени се и симболични банкноти во апоени од една лира, како и поштенски марки кои ќе им бидат поделени на учесниците.
Целодневната манифестација ќе заврши со свечена вечера на која ќе присуствуваат и блиски пријатели на Ердоган, како поранешниот германски канцелар Герхард Шредер и лидерот на туниското движење Нахда, Рашид Гануши.
На инаугурацијата ќе присуствуваат официјални лица и други поканети гости од земјите во регионот.