Burcu Arik
22 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
АФРИН (АА) - ХАЛИЛ ФИДАН/БЕХЧЕТ АЛКАН - По ослободувањето на сирискиот град Африн, кој беше во рацете на терористите на ЈПГ/ПКК, Турција сега работи на реновирање на училиштата за локалните деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Проектот за реновирање е предводен од општината Кечиорен, општина во главниот турски град Анкара. Општината и претходно, по операцијата „Штитот на Еуфрат“ во 2016 година, почетокот на 2017 година, спроведе сличен проект во Џарабулус, Сирија.

Говорејќи за АА, заменикот-градоначалник на општината Кечиорен, Текин Башер, рече дека досега реновирале шест училишта во Африн.
Реновирањето на училиштата вклучува санирање на ѕидовите во училниците, подот, замена на столчињата и клупите, како и обновување на игралиштата.

Тој истакна дека обновата на секое училиште може да потрае неколку дена. „Ние на терен работиме интензивно со тим од 50 луѓе. Планираме да го обновиме секое училиште во сите други населби ослободени од терористите“, додаде тој.

По ослободувањето на центарот на градот Африн, кое претходно беше големо засолниште на терористите на ЈПГ/ПКК, во неделата Турската војска започна со преземање мерки за надгледување на безбедноста и редот во градот.

Турција ја започна операцијата „Маслинова гранка“ на 20 јануари, со цел расчистување на терористичките организации од подрачјето на Африн, северозападна Сирија, во услови на растечки закани кои доаѓаа од тоа подрачје.
Операцијата има за цел да воспостави безбедност и стабилност долж границите на Турција и регионот, како и да го заштити сириското население од суровоста и репресијата на терористите.