Ahmet Salih Alacacı
17 Август 2018•Ажурирај: 18 Август 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција им оддаде почит на луѓето кои ги загубија своите животи во земјотресот во Мармара, кој на 17 август 1999 година ја погоди северозападна Анадолија и одзеде околу 17.000 животи, јавува Anadolu Agency (AA).
Јавни официјални претставници, невладини организации и голем број граѓани се собраа рано утринава во Истанбул, Сакарја, Јалова и Ѓолчук во знак на одбележување на 19. годишнина од трагичниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени.
Врз споменикот „Ѓолчук“, изграден врз урнатините на уништените згради беа поставени венци и цвеќиња. Луѓето во тишина оддадоа почит за загинатите лица.
Турските официјални претставници се помолија за загубените човечки животи во земјотресот.
„Најкратка ноќ, најдолга тага. Оддаваме почит за загубените животи на 17 август 1999 година во земјотресот во Мармара. Нека Алах засекогаш ја чува нашата негувана нација од таквата болка“, изјави денес турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на социјалната мрежа Твитер.
Турскиот Генералштаб, исто така, изрази сочувство: „Се молиме за нашите луѓе кои ги загубија своите животи и мачениците кои загинаа во служба за време на земјотресот во Мармара на 17 август 1999 година, и изразуваме воздржаност и сочувство до нивните ужалени семејства. Нека почиваат во мир.“
Портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, на социјалната мрежа Твитер, напиша: „Изразувам сочувство до сите оние кои ги загубија своите животи на 17 август 1999 година во земјотресот во Мармара. Нека Бог засекогаш ги чува од таквата болка. Преземени се мерки на претпазливост против земјотреси. Неправилните градби не се само прашање на одредени регулативи, туку и на општествената свест.“
Според извештајот на Комисијата за истраги во 2010 година, во земјотресот загинале 17.480 лица, а околу 45.000 биле повредени.
Од земјотресите кои се случиле во периодот меѓу 1900 и 2009 година, според веб-страницата на Базата на податоци за итни случаи, земјотресот во Мармара предизвикал шеста по ред најголема економска загуба - околу 20 милијарди долари.