Besar Ademi
27 Април 2018•Ажурирај: 28 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој престојува во официјална посета на Македонија, во рамките на средбата на лидерите на земјите-учеснички во Процесот Брдо-Бриони, по средбата со премиерот на Р. Македонија, Зоран Заев, истакна дека чувствува вистинска политичка волја за приближување на Македонија кон евроатланските интеграции, јавува Anadolu Agency (AA).
„Овде во Скопје чувствувам промена во политичкиот менталитет, чувствувам вистинска политичка волја за приближување на евроатлантската интеграција на вашата земја. Воедно забележувам и храбро лидерство кај премиерот Заев насочено кон иднината“, рече Туск, на заедничката прес-конференција со премиерот Заев.
Наредниот самит на Европската Унија (ЕУ), кој ќе се одржи на 17 мај во бугарскиот главен град Софија, според претседателот на Европскиот совет треба да ја реафирмира европската перспекрива на регионот, и додаде дека самитот треба да ги подобри односите во регионот, без разлика на човечките, дигиталните и инфраструктурните врски.
„Сите треба да се согласиме заеднички, да се справиме со заедничките безбедносни предизвици, како што е шверцот на мигранти, тероризмот и организираниот криминал“, рече Туск.
Тој изрази задоволство кон Македонија во однос на солидарноста покажана со европските земји во соочувањето со политичките предизвици, како што се геополитичките прашања и терористичките напади во европските земји.
„Вие застанавте до нас, и ние ќе застанеме до вас. Исто така, би сакал да го повторам она што кажав во сите земји кои ги посетив оваа недела... ЕУ е и ќе остане најдоверливиот партнер за целиот регион. ЕУ е најголем инвеститор, најголем донатор, како и најголем трговски партнер за целиот регион“, додаде Туск.

Тој упати благодарност до Македонија, која за време на приливот на бегалци преку балканската рута, како што рече, била мошне ангажирана и со постојана будност кон ова прашање.
„Многу работи се промениле од 2015 година, кога редовно доаѓав тука да работиме со партнерите на запирањето на преливот на илегални мигранти кон Европа. Оттогаш таканаречената западна балканска рута за нелегална миграција е затворена и така мора да остане“, истакна Туск.
Премиерот Заев нагласи дека по Европскиот совет, Македонија посакува да ги убеди земјите-членки дека заслужува да добие датум и да ги започне преговорите за членство. Според него, за ова Македонија никогаш не била поблиска.
„Излеговме од длабоката политичка криза и од заробена држава, се вративме на патот по кој чекорат сите европски демократски држави. Изработивме и спроведовме првични реформски планови, како Планот 3-6-9, и добивме безусловна препорака за почеток на преговорите. Дадовме максимум во овие изминати 10 месеци“, додаде Заев.
Туск престојува во работна посета на Македонија, каде како почесен гостин ќе учествува на состанокот на лидерите на земјите-учеснички во Процесот Брдо-Бриони, кој оваа година се одржува во Скопје.
Процесот Брдо-Бриони за првпат се одржа во 2013 година на иницијатива на претседателите на Словенија и Хрватска.
Земјите-учеснички во Процесот Брдо-Бриони се Хрватска, Словенија, Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, како и Црна Гора, застапени од страна на претседателите на овие земји.
Брдо потекнува од Брдо кај Крањ, во Словенија, каде што се одржа првиот состанок на регионалните лидери, и Бриони во чест на ко-организаторот и партнер на формирањето на оваа иницијатива, Хрватска. Целта на Процесот Брдо-Бриони е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.