Admir Fazlagic
24 Септември 2017•Ажурирај: 25 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Партиите, коалициите и независните кандидати кои ќе учествуваат на локалните избори што треба да се одржат на 15 октомври годинава, утре ја почнуваат 20-дневната изборна кампања, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13 октомври на полноќ.
Со жрепка во Државната изборна комисија беше утврден редоследот во единствената листа на кандидати на гласачките ливчиња за претстојните локални избори, што треба да се одржат на 15 октомври.
Листи со кандидати за градоначалници и за советници имаат поднесено 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.
Прва на гласачкото ливче ќе биде Социјалдемократската партија (СДПМ), втора Коалицијата Алијанса на Албанците и Народната демократска партија (НДП), трета Демократската унија за интеграција (ДУИ), четрврта Коалицијата за Битола - ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, петта Коалиција Заедно за Гази Баба, предводена од БЕСА, шеста Народно движење за Македонија (НДМ), седма ВМРО-ДПМНЕ, осма Народно движење на Турците, деветта Алијанса на Албанците, 10. е партијата Трајно македонско радикално обединување (ТМРО), 11. е Демократската партија на Турците, ГРОМ е 12., Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е 13., Движењето БЕСА е 14., Демократска партија на Албанците (ДПА) е 15., Левица е 16., Партијата за демократски просперитет (ПДП) е 17., Сојузот на Роми е 18., а Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) е 19.
Листите на кандидати за членови на советот и листите на кандидати за градоначалник, кои се поднесени од ист подносител ќе имаат ист реден број во сите општини.
Во општината каде што нема свој претставник, соодветниот број на подносителот ќе биде изоставен, и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител, без оставање на празно место.
Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места, во 80 општини и во градот Скопје.
Изборната кампања ќе почне на 25 септември на полноќ и ќе заврши на 13 октомври.
Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври на полноќ.