Umar Farooq
29 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, во текстот во американскиот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) ги повика САД да престанат да го вооружуваат ЈПГ, сирискиот огранок на ПКК, која Вашингтон и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, јавува Anadolu Agency (AA).
„Политичкиот огранок на терористичката група, која шири влијание во Вашингтон, е шокантен развој на настаните. Претседателот Трамп би требало да ги блокира неговите активности“, наведе Чавушоглу.
„Јас сум сојузник на курдскиот народ. Всушност, мојата партија е почестена што доби значајна изборна поддршка меѓу турските Курди, но јас сум заколнат непријател на терористите од сите видови“, додаде Чавушоглу.
Тој нагласи и дека неговата земја презела големи напори за да ги спречи терористите на ДЕАШ да стигнат до западните престолнини.
„Со вооружувањето на ЈПГ директно се загрозува Турција и нејзините жители кои веќе со децении се соочуваат со страв и насилство кое го спроведува немилосрдното и радикално терористичко движење“, напиша Чавушоглу.
„А сега, со помош на нашиот сојузник НАТО, ПКК е вооружена до заби“, додаде во текстот.
На крајот истакна дека и покрај тоа што се соочува со најопасниот облик на тероризмот, неговата земја е горда што придонесува за заштитата на животите на своите сојузници.
„Турција е горда што нашите акции не ги спасуваат само турските, туку и американските животи. Поради тие спасени животи, поради товарот кој го презедовме во интерес на нашата колективна глобална безбедност, Турција е во право кога инсистира САД да не ги вооружуваат терористите кои сакаат нас да нѐ уништат. Време е да се одбере страна“, напиша Чавушоглу.