ПРИШТИНА (AA) - Потпретседателот на Соединетите Американски Држави Џозеф Бајден, придружуван од неговата сопруга д-р Џил Бајден пристигна вечерва во посета на Косово на приштинскиот аеродром „Адем Јашари", јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот потпретседател Бајден беше пречекан со највисоки државни почести од страна на претседателот на Косово, Хашим Тачи и неговата сопруга, амбасадорот на САД во Приштина Грек Делави и амбасадорот на Косово во САД Влора Читаку.
За високиот американски функционер, кој на Косово дојде по посетата на Србија, поставен е црвен тепих и построена Гардата на Безбедносните сили на Косово. Гостите од САД ги дочека и Мајлинда Келменди, која во недела освои златен и воедно прв олимписки медал за Косово во Рио.
Главниот град на Косово Приштина во чест на доаѓањето на потпретседателот Бајден е украсен со американските и косовските знамиња, додека Полицијата на Косово во соработка со другите релевантни институции и во координација со безбедносните структури на САД презеде мерки за зголемување на нивото на безбедноста во текот на реализацијата на оваа посета.
Од Полицијата е соопштено дека покрај другите обврски во поглед на безбедноста, се преземаат и мерки на управување и контрола на сообраќајот така што во одредени временски интервали на одредени локации на сила ќе биде привремена забрана за сообраќај.
Потпретседателот на САД утре претпладне ќе учествува во билатералните средби со претседателот на Косово, Хашим Тачи и премиерот Иса Мустафа, а потоа ќе го посети местото во близина на американската воена база Бондстил, каде што ќе учествува на свеченоста посветена на именувањето на патот во чест на неговиот покоен син, Џозеф Р. „Beau“ Бајден III.
Инаку, за време на денешната посета на Србија, потпретседателот на САД, Бајден, во Белград се состана со српскиот премиер Александар Вучиќ и со претседателот на Србија Томислав Николиќ.
Потпретседателот Бајден на Косово го посети во 2009 година на почетокот на својот прв мандат, а оваа посета доаѓа во време на завршувањето на неговиот втор мандат пред претседателските избори кои се одржуваат кон крајот на оваа година во САД.
news_share_descriptionsubscription_contact
