Bahattin Gönültaş
21 Септември 2021•Ажурирај: 22 Септември 2021
БЕРЛИН
Наградата „Паул Ерлих и Лудвиг Дармштетер 2022“, која е прифатена како една од важните награди на медицинскиот свет во Германија, доделена е на д-р Озлем Туреџи, проф. д-р Угур Шахин и проф. д-р Каталин Карико, кои ја развија вакцината против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На Шахин, Туреџи и Карико им е доделена наградата Паул Ерлих и Лудвиг Дармштетер 2022 година за нивната визија и упорност во развивањето на гласник РНК (mRNA) за спречување и лекување на болести“, се вели во соопштението на Фондацијата „Паул Ерлих“.
„Тројцата добитници на наградите се почестени за нивните достигнувања во развојот на гласник РНК (mRNA) за превентивни и терапевтски цели. Тие создадоа технолошка платформа која најверојатно ќе направи револуција во некои области на медицината“, се нагласува во соопштението.
Шахин и Туреџи, основачки партнери на германската биотехнолошка компанија „БајоНТех“, која ја разви вакцината против Ковид-19, и потпретседателот на компанијата Каталин Карико, со потекло од Унгарија, ќе ја добијат наградата вредна 120.000 евра на церемонијата што ќе се одржи во Франкфурт на 14 март 2022 година.