Servet Günerigök
08 Јануари 2021•Ажурирај: 10 Јануари 2021
КЕЈП КАНАВЕРАЛ (AA) - „Спејс икс“ (SpaceX) лансира турски комуникациски сателит во орбитата доцна синоќа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ракетата „Фалкон 9“ (Falcon 9) на технолошката компанија, лансирана од Комплексот за лансирање 40, во воздухопловната станица Кејп Канаверал во американската сојузна држава Флорида, го пренесе сателитот „Турксат 5А“.
Сателитот ќе се лоцира во орбитата за четири месеци и ќе започне со работа во втората половина на 2021 година, според турското Министерство за транспорт и инфраструктура, кое истакна дека правата на фреквенцијата и орбитата на Турција се загарантирани во следните 30 години.
Мисијата го означува првото лансирање во 2021 година за „Спејс икс“.
Говорејќи пред лансирањето, турскиот заменик-министер за транспорт и инфраструктура, Омер Фатих Сајан, го нарече „Турксат 5А“: „сателит од најновата генерација сателити што ни даваат можност да ја подобриме нашата способност во вселената“.
„Со „Турксат 5А“, ние прво ќе ги штитевме нашите права во орбитата и ќе обезбедувавме комерцијални услуги преку пренос и комуникации, особено интернет-услугите преку Ку-опсегот до руралните области“, изјави Сајан за новинарите пред контролниот центар на мисијата на „Спејс икс“ - Кејп Канаверал.
Сајан додаде дека ќе бидат потребни околу 140 дена додека „Турксат 5А“ влезе во својата орбита. Потоа сателитот ќе се тестира еден месец. Ќе се контролира од објектот на „Турксат“ во главниот град Анкара.
„Изграден од страна на „Ербас Дефенс енд Спејс“ со значителен турски придонес, турскиот сателит „5А“ ќе обезбеди телевизиски преносни услуги со Ку-опсегот над Турција, Блискиот Исток, Европа и Африка“, се вели на веб-страницата на „Спејс икс“.
Сателитот ќе носи 42 транспондери и ќе биде лоциран во неискористениот турски орбитален слот на 31. степен Исток.
Турскиот министер за транспорт и инфраструктура, Адил Караисмаилоглу, минатата година рече дека новите комуникациски сателити, меѓу кои и „Турксат 5А“, „5Б“ и „6А“, ќе ја направат земјата помоќна во вселената.
Лансирањето беше планирано да се спроведе претходно, но тоа беше одложено неколкупати.