Kenan Irtak
29 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Членовите на третата турска научна мисија на Антарктикот тргнаа на пат кон ледениот континтнет, на кој ќе извршат низа истражувања, јавува Anadolu Agency (AA).
Турција пред четири години на Антарктикот отвори прв научен центар кој го водат научниците од Техничкиот универзитет во Истанбул, а со отворањето на научната база, оваа земја сака да влезе во самиот врв на меѓународната научна заедница во истражувањата од значење за иднината на планетата.
Проектот се спроведува под покровителство на Кабинетот на турскиот претседател и под ингеренции на Министерството за индустрија и технологија, а научниот тим ги заврши потребните подготовки пред патувањето.
Со Меѓународниот антарктички договор од 1959 година со тој континент управуваат две организации, и тоа Научниот совет за арктички истражувања (SCAR) и Советот на менаџери на националните антарктички програми (COMNAP).
Турција е потписник на Антарктичкиот договор, но без своја научна база имаше само статус на набљудувач на континентот, кој е предмет на бројни научни истражувања. Со отворањето на научната база, Турција ќе добие статус на советодавна земја и ќе стане дел од механизмот кој одлучува за Антарктикот.
На островот Хорсешое ќе биде основан турски научен камп, а Дирекцијата за метеорологија на Турција на континентот ќе формира две автоматски станици за метеоролошки набљудувања.
Оваа година во мисијата ќе учествуваат 25 члена, меѓу кои и 17 државјани на Турција и 8 државјани од другите земји.
Член на екипата е и светската рекордерка во нуркање, Шахика Еркумен, која ќе нурка во ледените води на Антарктикот.
Тричлената екипа на Anadolu Agency ја сочинуваат новинарката Дилара Зенгин, фоторепортерката Озге Елиф Кизил и камерманот Сервет Улку, кои извршија интензивни подготовки пред патот.
На аеродромот „Ататурк“ во Истанбул е организирана церемонија на испраќање на членовите на мисијата на која зборуваше и гувернерот Али Јерликаја.
Јерликаја во оваа пригода потсети на мисиите кои се организирани претходно во 2017, односно во 2018 година. Потсети дека на тој континент постојат 100 постојани бази кои спроведуваат научни истражувања.
Гувернерот додаде дека овогодишната посета е чекор пред формирање на постојана база.
„Во оваа мисија учествуваат искусни луѓе. Тоа се луѓе од многу министерства, организации, здруженија и Anadolu Agency. Желба ни е да се вратат среќно, исполнети со цел и визија“, изјави Јерликаја.
Градоначалникот на Истанбул, Мевлур Ујсал, укажа на ниските температури на Антарктикот кои се забележани дури и за време на летната сезона.
„Верувам дека научниот труд кој ќе го извршуваат таму, ќе биде инспирација за други научни истражувања во нашата земја. На екипата ѝ посакувам многу успех“, изјави Ујсал.
Шефицата на научната мисија, Бурџу Озсој, изјави дека се подготвени за трета мисија и додаде дека таа ќе има предизвици.
„За нас е многу важно да се занимаваме со наука на Антарктикот. Овие проекти за Антарктикот, генерално, и климатските промени имаат големо значење“, изјави Озсој.
Екипата денес, 29 јануари 2019 година, од Истанбул отпатува кон Сао Паоло во Бразил, откаде ќе премине во Сантјаго во Чиле. Планирано е на 30 јануари да отпатува кон Пунта Аренас во Чиле, откаде ќе отиде во Пуерто Вилијамс. Потоа, во согласност со временските услови, нејзините членови ќе тргнат кон островот Џорџ, кој припаѓа на Антарктикот.