Gökhan Ergöçün
03 Декември 2020•Ажурирај: 04 Декември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Со новите комуникациски сателити, „Турксат 5А“, „Турксат 5Б“ и „Турксат 6А“, Турција ќе биде помоќна во вселената, порача денеска турскиот министер за транспорт и инфраструктура, јавува Агенција Анадолија (АА).
„„Турксат 5А“ ќе биде лансиран овој месец, а „Турксат 5Б“ во вториот квартал од 2021 година“, соопшти Адил Караисмаилоглу за време на 13. Меѓународна конференција за безбедност на информациите и криптологија, организирана онлајн.
Министерот истакна дека Турција има за цел да стане логистичка суперсила во својот регион, да создаде одржлива мрежа на податоци и да обезбеди дигитализација на сите полиња.
„Стратегиите на Министерството за периодот 2020 - 2023 година се развојот на економијата на земјата, заштита на социјалниот живот, осигурување на националната безбедност и станување меѓународен бренд на полето на кибербезбедноста“, нагласи тој.
Караисмаилоглу порача дека Турција ќе ги зајакне системите на клучната инфраструктура, ќе развие национална способност, ќе создаде мрежа на кибербезбедност, ќе осигура безбедност на новите технологии, ќе се бори против компјутерскиот криминал, ќе развива автохтони технологии и во истиот период ќе ја подобри меѓународната соработка.
„Како силна земја, Турција е подготвена да ја достигне брзината на светската дигитална трансформација. Здравиот и безбеден трансфер на податоци е основата на силната економија“, додаде тој.
- Технологијата го менува секое поле -
Али Таха Коч, раководителот на Бирото за дигитална трансформација на Турција, истакна дека информацијата е елемент на моќ и доминација уште од почетокот на животот.
„Со брзиот развој на интернетот и мобилните уреди, производството на податоци се зголеми уште повеќе“, нагласи тој, подвлекувајќи дека обемот на податоци генерирани во последните две години е поголем од вкупно генерираните податоци од почетокот на животот.
Истакна дека технологијата го има променето секое поле од животот, вклучително и бизнис-моделите, навиките за купување и образованието.
„Во блиска иднина, во периодот меѓу 2021 и 2025 година, преку стандардните паметни телефони ќе може да се комуницира без потреба од дополнителна опрема преку поврзување со комуникациски сателити со ниска орбита низ 5Г-базните станици“, рече тој.
Омер Абдулах Карагозоглу, претседателот на Турските информатички и комуникациски технологии, рече дека пандемијата ја покажала важноста на информатичките и комуникациските технологии.
„Како што се зголемуваше потребата за физичка дистанца, се поврзувавме меѓусебно преку технологијата“, нагласи тој, и додаде дека луѓето продолжуваат со образованието, состаноците и социјалните односи од далечина за време на пандемскиот период.