Riyaz Ul Khaliq
03 Декември 2020•Ажурирај: 04 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Во кинеската мисија „Chang'e-5“ успешно се собрани примероци од површината на Месечината, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Земањето примероци е завршено! По речиси 19 часа работа на површината на Месечината, „Chang'e-5“ успешно го заврши роботското собирање на примероци, кои се запечатени и спакувани“, изјави Хуа Чунјинг, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи.
Од Кинеската национална вселенска управа (CNSA) соопштија дека собирањето на примероци започнало по успешното слетување во вторникот вечерта, осум дена откако на 24 ноември полетале од Хајнан, во јужниот дел на Кина.
„Chang'e 5“ се очекува да работи уште два дена во подрачјето северно од Монс Ромкер, планина која гледа кон големиот лунарен дел наречен „Oceanus Procellarum“, на западниот раб на блиската страна на Месечината, се вели во соопштението издадено од Кинеската национална вселенска управа.
Во Мисијата се собрани околу 2 килограми лунарни примероци и до средината на декември ќе бидат донесени на Земјата, 44 години откако последните примероци од Месечината беа донесени на Земјата.
Исто така ќе бидат испратени првите фотографии во боја од површината на Месечината.
Ова е трета кинеска мисија на слетување на Месечината, по мисијата „Chang'e-3“ во декември 2013 година и историската мисија „Chang'e-4‘“ што стигна до крајната страна на Месечината во јануари 2019 година.
„Доколку мисијата „Chang'e-5“, која се очекува да трае околу 23 дена, биде успешна, Кина ќе стане третата земја во светот која собрала примероци од Месечината по САД и поранешниот Советски Сојуз“, се вели во соопштението на Кинеската национална вселенска управа.