Sarp Özer
02 Декември 2021•Ажурирај: 06 Декември 2021
КОНИЈА (АА) - Турските вооружени сили успешно тестираа морнарички топ, кој е уште еден во низата производи на турската одбранбена индустрија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На тестирањето присуствуваше министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар и началникот на Генералштабот на турската војска, Јашар Ѓулер, командантите на копнените, воздушни и поморски сили на Турција и други официјални претставници.
Новиот поморски топ од 76/62 мм беше тестиран на полигонот „Карапинар“, а пред присутните преку видеопорака се обрати и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Министерот Акар им честиташе на сите кои учествуваат во развојот и производството на нови системи за оружје во Турција и додаде дека ќе продолжи да се грижи за потребите на Турските вооружени сили.
Тој рече дека Турција забрзано работи на обука на персонал и развој на домашното производство на воена опрема и оружје и дека со поддршка и водство на турскиот претседател Ердоган, присуството на домашна опрема и оружје е зголемено на 80 отсто.
„Без откажување, ќе продолжиме да правиме сѐ што е потребно за одбрана и зачувување на суверенитетот и независноста на државата и безбедноста и правата на нашиот народ“, рече Акар.
Потсетувајќи дека Турција не можела да купи некое оружје ниту за пари во минатото, Акар рече дека развојот на националната одбранбена индустрија за Турција не е прашање на избор, туку итна потреба.
„До неодамна не произведувавме пешадиски пушки, а сега го произведуваме целото лесно оружје, оклопни возила, хеликоптери, беспилотни летала, борбени дронови, бродови, артилерија... Сè уште работиме на развој и сме решени во тоа“, рече Акар.
Нагласувајќи дека пријателските, сојузничките и братски земји имаат големи очекувања од Турција, Акар рече дека никој не треба да се сомнева дека Турција ќе продолжи да напредува и да се развива на сите полиња.
„Турција генерално е силна држава со својата историја, вредности и вооружени сили. Тоа треба да се знае и да се види. Досега со решителен став ги браневме нашите права и интереси и ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече Акар.
По успешното тестирање на морнаричкиот топ, челникот на МКЕ, Јасин Акдере, на министерот Акар му подари проектилска граната употребена во пробниот оган.