????? ??????????
12 јануари 2016•Ажурирај: 12 јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Членовите на Европскиот парламент Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан, кои посредуваа во напорите за постигнување на договорот од Пржино, денеска ја посетија Македонија каде остварија средба со лидерите на четирите политички партии, јавува Anadolu Agency (AA).
Tојцата европратеници попладнево во седиштето на СДСМ имаа средба со лидерот на партијата Зоран Заев. На средбата се разговараше за спроведувањето на Договорот од Пржино и потребата од негова суштинската имплементација.
Претседателот Зоран Заев рече дека Договорот од Пржино е единствена можност за излез на Македонија од политичката криза и дека само негово целосно спроведување може да создаде услови за одржување на фер и демократски избори.
Претседателот Заев изрази жалење што не се спроведуваат реформи во клучни области, директно поврзани со изборниот и предизборниот процес. Исто така денеска тие имаа и разговори со високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што лидерот на оваа партија и премиер Никола Груевски е во посета на САД.
Како што соопшти владејачката партија, Никола Тодоров на Вајгл, Ховит и Кукан им укажал дека сите обврски кои ги презеде ВМРО-ДПМНЕ, беа почитувани. На меѓународните претставници им биле пренесени очекувањата Договорот да биде до крај реализиран, вклучувајќи го и клучниот услов, изборите на 24 април.
Средба со европратениците денеска имаа и лидерите на ДУИ и ДПА. Тројцата европратеници утре треба да имаат средба во ДИК, а исто така треба да се сретнат и со специјалната обвинителка Катица Јанева. За утре е најавена прес-конференција на европратениците.