Furkan Abdula
08 Април 2022•Ажурирај: 10 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на Владата на Северна Македонија, Мухамед Зеќири, соопшти дека поднел неотповиклива оставка од оваа функција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зеќири оваа одлука ја потврди преку објава на својот фејсбук-профил.
„Почитуван претседателе на Владата на Република Северна Македонија, г. Димитар Ковачевски. Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија“, напиша Зеќири.
„Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време за да ја докажам мојата невиност“, нагласи тој.
„Почитуван претседателе, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашиот владин состав и Ви благодарам што верувавте во мојата заложба и посветеност во работата“, додаде Зеќири.
Оваа одлука на Зеќири следува откако Јавното обвинителство на Северна Македонија отвори истрага против него и двајца хрватски државјани.
Јавното обвинителство на Северна Македонија за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека е издадена наредба за истрага против двајца хрватски државјани и еден висок функционер во Владата на Северна Македонија кој е првоосомничен и дека за нив од Судот побарало да им изрече мерка притвор.
Владиниот функционер е осомничен за злоупотреба на службената должност, при што е направена штета во буџетот за речиси 800 илјади евра.
„Во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба, првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице, во што, со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани“, се вели во соопштението на Обвинителството, кое побарало на осомничените да им се одреди притвор.