Furkan Abdula
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Цетиње со највисоки државни и воени почести беше пречекан од претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, со што започна неговата дводневна официјална посета на Црна Гора, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, по тет-а-тет средбата на Пендаровски со Ѓукановиќ, делегациите на Северна Македонија и Црна Гора одржале пленарен состанок.
Се наведува дека на состанокот биле потврдени одличните традиционални партнерски и пријателски односи, како и плодниот политички дијалог меѓу двете држави.
„Во контекст на регионалната соработка, се разгледаа и прашањата од значење за европската иднина на двете држави, како и геополитичките случувања во поширокото соседство и влијанието од руската воена инвазија врз Украина“, се нагласува во соопштението.
Пендаровски денеска ќе оствари средби и со Здравко Кривокапиќ, претседателот на Владата на Црна Гора и со Дритан Абазовиќ, потпретседател на Владата и мандатар за состав на новата Влада на Црна Гора.
Утре, 13 април 2022 година, во Бар ќе се одржи свечена церемонија на која претседателот Пендаровски ќе ја предаде спомен-плочата на Владимир и Косара на црногорскиот претседател Ѓукановиќ, во знак на силното пријателство и културно-историската врска меѓу Северна Македонија и Црна Гора.