Furkan Abdula
06 Декември 2021•Ажурирај: 07 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, оствари средба со заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој престојува во посета на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, Заев на средбата го запознал гостинот со актуелната политичка состојба во земјата, при што нагласил дека е обезбеден стабилен континуитет на стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Северна Македонија во НАТО, за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, за справување со пандемијата, за економскиот раст, и особено за актуелното прашање за соодветен и ефикасен одговор на енергетската криза.
„Заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој на средбата беше придружуван од амбасадорката Кејт Мари Брнз, истакна дека неговата посета на земјата има за цел да ја нагласи поддршката на САД токму за овие прашања, како и за партнерскиот пристап што Република Северна Македонија го покажува со прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за активната улога за суштинско интензивирање на регионалната соработка преку иницијативата 'Отворен Балкан'“, се вели во соопштението.
Се нагласува дека на средбата била истакната целосната поддршка на САД за изнаоѓање заеднички прифатливи одговори за билатералните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија поради фактот што иднината на Северна Македонија е во ЕУ, како исклучително важна тема за САД, заедно со заедничкото стратешко учество во НАТО и со билатералното партнерството меѓу двете земји што е во постојан развој.