Abdula Berisha
06 Декември 2021•Ажурирај: 07 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија на американскиот Стејт департмент, Габриел Ескобар, реализира официјална посета на Северна Македонија, во чии рамки се состана со министерот за надворешни работи Бујар Османи, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција по завршувањето на состанокот, американскиот дипломат изрази задоволство од ангажираноста на Северна Македонија во НАТО, укажувајќи на поддршката на САД за евроинтеграциската перспектива на Северна Македонија.
„Сакам да ја изразам силната поддршка на нашата администрација за брза евроинтеграција на Северна Македонија и ние работиме со нашите европски партнери за да обезбедиме тоа да се случи многу брзо. Мислам дека сите се согласуваме дека Северна Македонија е дел од Европа, од културен аспект дел на Европа, од историски аспект дел на Европа и од економски аспект дел на Европа, и треба да имате место на масата“, рече Ескобар.

Министерот Османи говореше и за билатералните односи меѓу двете земји, но и за актуелните прашања во земјата и регионот.
„Не смееме да дозволиме враќање на реториката, а уште помалку на политиките од 1990-тите. Балканот како регион на конфликти, поделби и недоразбирања, треба да остане само како лоша слика на минатото. Должни сме во 21-от век да изградиме регион на траен мир, стабилност, развиен и целосно интегриран во евроатлантските и европските структури, и ќе го постигнеме тоа заедно со САД, НАТО и ЕУ“, додаде Османи.
За време на неговата посета, Ескобар се состана со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а предвидено е да се сретне и со премиерот Зоран Заев.