Ekip
04 Август 2022•Ажурирај: 05 Август 2022
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди дека доколку Русија победи во Украина, може да ја продолжи војната во соседните земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Морална одговорност е да се поддржи Украина во нејзината борба против руската инвазија и исто така служи на нашиот интерес претседателот Путин да не успее во своите амбиции во Украина“, рече Столтенберг на летниот камп на Норвешката работничка младинска лига на островот Утоја.
„Светот може да стане поопасен доколку Путин го добие она што го сака со употреба на воена сила“, предупреди Столтенберг.
„Доколку Русија победи во оваа војна, тој ќе има потврда дека насилството функционира. Потоа може да бидат следни други соседни земји“, рече тој.
Столтенберг, исто така, ги отфрли руските тврдења за „агресивно и експанзивно НАТО“, објаснувајќи дека неговите членки се слободни, демократски земји кои избрале да се приклучат на Алијансата.
Тој призна дека земјите од НАТО плаќаат цена за нивната поддршка на Украина, но нагласи дека придонесот во воени трошоци или повисока инфлација се плаќа само во пари.
„Цената што ја плаќа Украина се мери со човечки животи“, посочи тој, нарекувајќи ја руската војна „брутална и крвава војна до изнемоштеност“, додаде тој.
„Поопасен свет значи дека треба да инвестираме повеќе во одбраната за да го зачуваме мирот“, нагласи Столтенберг.
Во јуни лидерите на НАТО се согласија за најголема обнова на колективната одбрана и одвраќање на НАТО од Студената војна.
Реформите вклучуваат нов модел на распоредување, со наменски сили однапред назначени за одбрана на одредени земји на НАТО, 300.000 војници во висока готовност и повеќе однапред поставена опрема и резерви на оружје на источното крило.