Abdula Berisha
26 Јуни 2019•Ажурирај: 27 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за надворешни работи на Норвешка, Ине Марие Ериксен Сореиде, престојува во посета на Република Северна Македонија, каде што беше пречекана од страна на министерот за надворешни работи на земјата, Никола Димитров, јавува Anadolu Agency (AA).
Димитров и Сореиде реализираа билатерална средба, по која следуваше меѓуделегациската средба меѓу двете земји.
По средбите, министрите за надворешни работи на двете земји одржаа заедничка прес-конференција, на која укажаа на пријателските односи меѓу двете земји.
Димитров истакна дека иако со норвешката министерка често се состанувале во меѓународните организации, ова била нејзина прва посета на Скопје.
„Разговаравме за регионот, разговаравме за нашите билатерални односи. Благодарни сме за поддршката на Норвешка во нашата реформска агенда. Благодарни сме воопшто за интересот и присуството на Норвешка, не само кај нас туку и во целиот регион“, рече Димитров, упатувајќи благодарност до Норвешка за потпишувањето на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.
Норвешката министерка истакна дека Норвешка е близок пријател и партнер на Северна Македнија, и дека нејзината земја е посветена на развојот на целиот регион на Западен Балкан, за кој, според неа, во последните две години помошта е двојно зголемена.
„Се надевам дека ќе седнам до Никола во НАТО. Од географски аспект, малку сме далеку, но ќе бидеме соседи на тркалезната маса. Тој ќе седне меѓу мене и Холандија“, додаде таа.
Сореиде нагласи дека Норвешка не е земја членка на ЕУ, но дека е во интерес на ЕУ да има што повисока стапка на интеграција, зависно од волјата на земјите.