Erkan Avci
06 Април 2016•Ажурирај: 06 Април 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Барак Обама, изјави дека борбата против терористичката организација ДАЕШ и понатаму е приоритет и додаде дека е сигурен во победата над ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Првиот човек на САД, Обама, во Белата куќа се состана со високопозиционирани офицери на американската војска, а на состанокот ревидирана е американската одбранбена стратегија.
Во кратко обраќање на новинарите пред почетокот на состанокот, Обама истакна дека американските сили се обидуваат да ја забрзаат кампањата против ДАЕШ во Сирија и Ирак.
„ДАЕШ продолжува да бележи големи загуби. Коалициските сили во последните неколку дена со успешни акции го блокираа копнениот коридор кој го поврзува сирискиот град Рака и ирачкиот Мосул, двата града кои важат за најголеми упоришта на терористите на ДАЕШ, рече Обама.”
Обама најави дека коалиционите сили ќе продолжат да задаваат тешки удари на ДАЕШ во нападите на неговите финансиски, инфраструктурни и човечки ресурси.
Укажувајќи на последните терористички напади во Турција и Белгија, Обама рече дека е јасно дека ДАЕШ и понатаму има капацитети да изведува „сериозни напади”, и порача дека САД дополнително ќе ја интензивира борбата против таа организација.
„Уништувањето на ДАЕШ и понатаму е мој приоритет. Војната против таа организација ќе биде тешка, но сигурен сум во нашата победа”, заклучи Обама.