Şerife Çetin
27 Јуни 2017•Ажурирај: 28 Јуни 2017
БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Воениот комитет на НАТО, генералот Петр Павел, изјави дека продолжувањето на силната соработка со Република Турција е еден од приоритетите на НАТО и додаде дека не смее да се заборави оти Турција се соочува со многу повеќе безбедносни закани од другите земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за списанието „Politico“ (Политико), генералот Павел ги коментираше односите на НАТО со Турција и заканите што за таа организација доаѓаат од Русија.
Истакнувајќи дека за случувањата во Турција мора да се зборува низ призмата на геополитичката положба и актуелните услови во коишто се наоѓа таа земја, Павел изјави дека не смеат да се занемарат безбедносните закани против коишто Турција се бори.
„НАТО ги смета за приоритетни добрите односи со Турција. Таа земја се соочува со идентични предизвици со коишто се соочува и НАТО. Од една страна е руската закана, а од друга е тероризмот, радикализмот и миграциите, како закани кои произлегуваат од странските фактори. Турција ја сметаме за важен сојузник на НАТО кој треба да се поддржи“, порача Павел.
Павел изјави дека Русија постојано го зголемува военото присуство во регионот и оти руската закана е сѐ поголема.
„Внимателно го следиме секој воен потег на Русија за да не дозволиме да се повтори некој потег како илегалната анексија на Крим. Не знаеме точно зошто Русија ја интензивира воената готовност“, изјави Павел.
НАТО во последните извештаи наведува дека Русија во Калининград и на Крим ги инсталирала рампите за интерконтинентални ракети со носачи за нуклеарни глави, а генералот Павел изјави дека постојат причини за загриженост и дека НАТО мора да биде во состојба на готовност.