Muhammed Bilal Kenasari
15 Септември 2018•Ажурирај: 15 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Коментирајќи ја одлуката на Турција да го купи одбранбениот ракетен систем „С-400“ од Русија, генералниот секратар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека земјите по ова прашање донесуваат „национални одлуки“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Развојот на воените капацитети претставува „национална одлука“ на секоја држава. За НАТО е битно различните системи да можат да функционираат“, рече Столтенберг на конференцијата со наслов „Значењето на НАТО во 21 век“, одржана во Фондацијата „Херитејџ“ во Вашингтон.
На прашањето на новинарите за одлуката на Анкара да го набави рускиот одбранбен ракетен систем „С-400“, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, истакна дека е познато дека Турција и САД по ова прашање имаат различни ставови.
„Сите знаат за недоразбирањето меѓу Турција и САД по ова прашање и тоа е многу тешка ситуација“, рече Столтенберг, додавајќи дека многупати на оваа тема разговарал со официјалните претставници од Анкара и Вашингтон.
„Се надевам дека е можно да се изнајде некакво рашение, бидејќи недоразбирањето што Турција го има со САД претставува тешка ситуација за сите нас. Ги поздравувам напорите на САД и Турција да го разгледаат ова прашање во билатералните средби“, рече Столтенберг.
Потсетувајќи дека Турција е сојузник на НАТО, го нагласи географското значење на оваа земја.
„Доколку погледнете на картата, ќе видите колку Турција е голема земја. Кога ќе видите дека се граничи со Ирак и Сирија, ќе го сфатите значењето на борбата што Турција ја води против ДЕАШ“, рече генералниот секретар на НАТО.
Тој истакна дека Турција е важен сојузник и кога станува збор за мигрантите.
„Прифати милиони Сиријци. Важно е дека се спроведува договорот што го постигнаа ЕУ и Турција, со цел спречување на илегалната миграција преку Егејското Море. Исто така, многу е јасно дека Турција е сојузник кој е најмногу изложен на терористички напади“, рече Столтенберг.