АНКАРА (АА) - БАРИШ ЃУНДОГАН -
Заменик-претседателот на турската Републиканска народна партија (CHP), Озтурк Јилмаз, истакна дека Израел е политичкиот инженер на некои настани на Блискиот Исток, и додаде дека Турција треба им ги објасни на народите во регионот игрите кои се играат таму, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилмаз, во разговор со новинарот на AA, нагласи дека Законот за „еврејска држава-нација“, кој се состои од 11 точки, и кој беше усвоен во израелскиот Парламент, уште повеќе ќе ја отежни состојбата на Палестинците во Израел, како и тоа дека содржи елементи кои можат да поттикнат реперкусии во регионот.
„Израел нема устав, туку Темелни закони, кои претставуваат устав. Поради тоа што еден закон е со статус на устав, постои една обврзувачка ситуација“, рече тој, додавајќи дека овој закон ги легализира досегашните дејства на Израел.
„Според точките што ги гледаме, овој закон, пред сè, го гледа Израел како држава-нација на Евреите, односно го гледа Израел како еврејска држава“, нагласи Јилмаз, истакнувајќи дека овој закон ги одзема правата на Палестинците да ја определат својата судбина.
„Статусот на Кудс (Ерусалим) се определува во рамките на израелските закони, наместо да се определи со еден договор постигнат меѓу Израел и Палестинците, и се вели дека е обединетиот главен град на Израел“, додаде тој.
Јилмаз потсети дека со овој закон хебрејскиот јазик станува службен јазик на оваа земја, додека на арапскиот јазик му се дава посебен статус, со кој се става во втор план. „Претходно арапскиот јазик беше службен јазик, како што сега станува хебрејскиот јазик“, нагласи Јилмаз.
„Исклучувајќи ги Западниот Брег и Газа“, рече Јилмаз, „20 отсто од 9-те милиони жители на Израел, се Палестинци“.
Според него, овој закон е уништување на волјата на Палестинците, и прелиминарно спречување на можните мировни преговори.
„Со овој закон, состојбата на Палестинците во Израел се изложува на апартхејд-режим како во Јужноафриканската Република. Овој статус ја покажува состојбата на еден народ кој е изложен на дискриминација, чиј статус му е одземен, чиј јазик е изложен на ерозија“, истакна Јилмаз.
Тој се осврна и на регионалните рефлексии на овој закон, и ги критикуваше некои арапски земји во регионот.
Според Јилмаз, Израел успеа да направи да не биде сметан за непријател, овозможувајќи некои арапски земји да го сметаат Иран за непријател.
„И на тој начин се случи поделба меѓу Арапите. Според некои арапски земји, Иран е поопасен од Израел. И на тој начин палестинската кауза остана напуштена, додека Израел, усвојувајќи закони, вложи напор да ја зајакне својата позиција“, рече тој, нагласувајќи дека е најважно тоа што со овој закон ќе се саботира перспективата на дводржавното решение, и дека тоа ќе има регионални рефлексии.
Со методот на Израел за „покажување различен непријател“, арапските земји не изразија сериозна реакција против овој закон. Според него, Израел игра со регионот како што сака, користејќи ја моќта на САД.
Осврнувајќи се на препораките за решение, Јилмаз додаде: „Со настанатите случувања, Палестинците ќе имаат и понизок статус од станување малцинство на својата територија. Додека ова продолжува вака, ќе остане само името на Израел, и неговиот народ кој е дискриминиран, кој станал народ од втора и трета класа, кој продава само овошје и зеленчук по улици.“
„Првин Турција треба да го направи следното: треба да објасни дека сентиментот кој ги поделува арапските земји и Блискиот Исток, e произведен од страна на Израел, а тоа го прави Америка“, нагласи Јилмаз.
„Оставањето на Ирак и Сирија на овој начин, настаните во Јемен, тоа што Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) го сметаат Иран за сериозна закана - политичкиот инженер на сето ова е Израел. Турција треба ова да им го објасни на народите на Блискиот Исток. Ако не сакаме палестинската кауза да биде фрлена во канта, треба добро да се објаснат овие игри кои се играат на Блискиот Исток. Потоа, арапските земји, Организацијата за исламска соработка, треба да станат поефективни и активни. Оваа состојба треба да се објасни со една конференција. Ве поделуваат, и на тој начин ја окупираат Палестина. Сирија се поделува, Ирак е во состојба со која не може да се управува, Јемен исто стана таков. Можно е утре да се случи интервенција и во насока на Саудиска Арабија“, нагласи Јилмаз, истакнувајќи дека треба да се подигне свеста за заканата по Блискиот Исток, и за тоа која е силата што ги поделува овие земји, како и тоа дека треба да се создадат заеднички платформи, а не само да се изразуваат реакции.