Cansu Dikme
14 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
БЕРЛИН (АА) - Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ (Volkswagen) ќе плати казна од 1 милијарда евра за скандалот со емисијата на дизел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на германскиот автомобилски гигант, се истакнува дека „Фолксваген“ ги прифатил обвиненијата за мамење при тестирањето на возилата.
„Претходно јавниот обвинител на Брауншвајг издаде административна наредба против „Фолксваген АГ“ поради кризата со дизел моторите, наметнувајќи парична казна од една милијарда евра“ , се наведува во соопштението.
Прифаќајќи ја казната, „Фолксваген“ соопшти дека нема да поднесе жалба.
„Фолксваген АГ, со тоа ја признава својата одговорност за кризата со дизел моторите и смета дека ова е уште еден голем чекор кон нејзино надминување“, соопштија од компанијата.
Според соопштението, наодите од истрагата спроведена од јавниот обвинител на Брауншвајг откриваат: „Во контекст на тестирањето на возилата, обврските за мониторинг се прекршени во Одделот за развој на погонскиот систем “.
„Според резултатите добиени од јавниот обвинител на Брауншвајг, станува збор за вкупно 10,7 милиони возила со дизел-мотори од типот „ЕА 288“ (Gen3) во САД и во Канада и од типот „ЕА 189“ низ светот, кои се рекламираа, се продаваа на клиенти и беа ставени на пазарот со недозволена софтверска функција во периодот од средината на 2007 до 2015 година“, се додава.
„Фолксваген“ се изјасни за виновен минатата година за мамење на тестовите за емисија со користење на софтвер во речиси 600.000 од своите дизел-возила во САД и се согласи да плати казна во износ од 4,3 милијарди долари.
Во 2015 година, „Фолксваген“ призна дека околу 11 милиони негови возила во светот содржат софтвер за мамење во однос на тестовите за емисија на гасови.