Amina Zorniç
03 Април 2016•Ажурирај: 04 Април 2016
ЛОНДОН (АА) – Меѓународната организација Амнести Интернешнал (Amnesti Intenational) на својата официјална страна го објави најновиот извештај во кој се зборува за нехуманите услови во кои работниците од Индија, Бангладеш и Непал во Катар работат на стадионите за Светското првенство 2022 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според тврдењата на Амнести Интернешнал Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), под сомнителни околности го доделила домаќинството на богатата држава од Арабијскиот Полуостров на кој во моментот работат 1,7 милиони странски работници.
Поголемиот број на мигранти, наведува АИ, бараат засолниште во богатиот Катар бегајќи од невработеноста и сиромаштвото во Индија, Бангладеш и Непал.
Само на гигантскиот стадион во изградба “Khalifa International” во Доха, дневно работат околу 3.200 работници.
Амнести Интернешнал наведува дека работниците се соочуваат со лажни ветувања во врска со висината на платата, со уцени на работното место и тешки услови за работа. Покрај тоа што работниците месечно заработуваат до 200 американски долари, тие престојуваат во пренатрупани соби со лоши хигиенски услови. Платите на работниците наводно се многу помали од ветеното и доцнат по неколку месеци.
Амнести Интернешнал наведува дека на работниците им е забрането да го напуштаат местото на изградба, односно стадионот. На оние кои одбиваат да работат прекувремено, работодавците им се закануваат со пријави и депортација.
АИ споменатиот извештај го нарече „лошата страна на посебно убавата игра, фудбалот”.
Според некои анализи, Светското првенство во Катар ќе чини 175 милијарди евра, што е 60 пати повеќе отколку Светското првентсво 2010 година во Јужноафриканската Република.
Инаку, за загрозените права на работниците кои работат на стадионите во Катар во 2013 година пишуваше и британскиот "The Guardian".