Ekipa
16 февруари 2016•Ажурирај: 18 февруари 2016
ДОХА (AA) – Рускиот министер за енергетика потврди дека во Доха е постигнат договор помеѓу Русија, Катар, Венецуела и Саудиска Арабија, за замрзнување на нивото на производство на нафтата, но под услов договорот да го прифатат и останатите светски произведувачи, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за енергетика на Русија го цитираше својот министер Алексадар Новак кој ја објави одлуката по неочекуваниот состанок во вторник, кој е одржан зад затворени врати во присуство на ресорните министри на четирите земји.
Новак истакна дека сите четири земји се подготвени да го замрзнат производството на нафтата на ниво од јануари годинава, доколку тоа исто го направат и другите произведувачи. Добивањето на наклонетост на останатите светски произведувачи за оваа одлука ќе биде многу тешко. Цената на нафтата исклучително падна од летото 2014 година, што доведе до борбата на произведувачите за освојување на пазарниот удел во однос на конкурентите.
Утрово цената на сировата нафта благо се опорави по сознанието за договорот постигнат во Доха, па во Њујорк достигна 30,21 долари, додека сировата Брент нафта се продаваше за 34,28 долари. Но, тоа траеше кратко, бидејќи веднаш по појавувањето на информацијата дека се работи за условен договор цената на светските пазари повторно падна.