Servet Günerigök
26 Ноември 2020•Ажурирај: 26 Ноември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Во очи националниот празник Денот на благодарноста, новоизбраниот американски претседател Џо Бајден повика на единство, велејќи дека коронавирусот ја девастира нацијата во последната речиси една година, пренесува Агенција Анадолија (AA).
За време на говорот во сојузната држава Делавер, Бајден рече дека вирусот донел болка, загуба и фрустрација и дека болеста однела толку многу животи што ги подели и ги налути Американците.
„Знам дека земјата се умори од борбата, но мора да се потсетиме, ние војуваме со вирусот, не едни со други. Не меѓусебно во меѓусебен конфликт“, порача Бајден.
Тој ги повика Американците да ги удвојат своите напори во борбата против Ковид-19.
„Да се потсетиме, сите сме заедно во ова“, нагласи Бајден.
Од последици на коронавирусот во Соединетите Американски Држави (САД) починаа над 260.000 луѓе од почетокот на пандемијата. Потврдени се над 12,6 милиони случаи на Ковид-19.
Повикот на Бајден стигна пред Денот на благодарноста, за кој здравствените власти стравуваат дека поради собирите и прославата ќе доведе до нов пораст на бројот на случаите на коронавирусот и дополнително ќе ја влоши епидемиолошката состојба.
Некои американски држави ги заострија своите рестриктивни мерки со цел сузбивање на коронавирусот пред празникот.
Според извештаите, повеќе од три милиони луѓе ги минале контролните пунктови на аеродромите од петок до недела, занемарувајќи ги препораките на Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) за одложување на планираните патувања и да се остане дома.