Aysu Biçer
26 Јуни 2022•Ажурирај: 26 Јуни 2022
ШЛОС ЕЛМАУ (АА) - Седумте најбогати држави во светот ќе објават забрана за увоз на руско злато, изјави денес американскиот претседател Џо Бајден, во моментите додека руската војна против Украина сè уште трае, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите на седумте најбогати држави во светот ќе се состанат во Германија на разговори за додатни санкции против Русија и за обновата на Украина на среден и долг рок.
„Соединетите Американски Држави (САД) наметнаа невидени трошоци на рускиот претседател Владимир Путин со цел да се ускратат приходите што му се потребни за финансирање на неговата војна против Украина“, рече Бајден, и додаде:
„Заедно, Г7 ќе објави дека ќе го забраниме увозот на руското злато, огромен извоз кој за Русија носи десетици милијарди долари.“
Со проценети 331 тон во 2020 година, Русија го зазеде второто место по глобалното производство на злато, што сочинува девет отсто од вкупното светско производство, покажуваат податоците на СП Глобал.
Владата на Велика Британија денес, исто така, потврди дека ќе биде воведена забрана за увоз на руско злато, напоменувајќи дека новиот извоз на руско злато повеќе нема да може да влезе во Велика Британија, Канада, САД и Јапонија.
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека тие мерки директно ќе ги погодат руските олигарси и „ќе го погодат срцето на воената машинерија на Путин“.
Г7 е назив за групата или советот што се состои од седумте најразвиени земји во светот - Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави (САД).