Ercan Canbolat
19 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
АНКАРА (АА) – Претседателот на германската организација за заштита на уставот, Ханс Георг Масен, и шефот на швајцарската разузнавачка служба, Маркус Сеилер, изразија загриженост поради борците што се враќаат во Европа од боиштата во Сирија и во Ирак. „Повеќето од нив се како темпирани бомби“, рекоа тие, пренесува Anadolu Agency (AA).
Масен и Сеилер објавија заеднички напис во весникот „Франфуртер алгемајне цајтунг“. Во овој напис се потсетува на политичките и општествените расправии во врска со слободата и безбедноста, кои беа предизвикани од терористичките напади во Франција, Белгија и во Германија. Исто така, се истакнува дека не е точна тезата: „Колку повеќе безбедност толку помалку слобода“, туку токму спротивното, дека безбедноста е средство преку кое се доаѓа до слободата.
„Меѓународните кризи повеќе не се случуваат изолирано, само во регионите каде што се случуваат, туку напротив, влијаат и на независните држави. Исто така, модерните информатички технологии помагаат во зацврстувањето на развојот на екстремизмот на национално и на глобално ниво. Овие техники помагаат брзо да се рашири некоја содржина или порака, со малку средства“, стои во текстот.
Во врска со ДЕАШ, тие пишуваат: „Во денешно време ДЕАШ се обидува да придобие поддржувачи и помали терористички организации, и прави напори нивниот глас во голема мера да стигне до луѓето со различна култура“.
Тие истакнуваат дека во последно време ДЕАШ не успева да ја прошири својата моќ, но според нив, ова не значи дека опасноста е помината.
- Една третина од борците се вратија во Германија -
„Интернетот се претвори во простор за протест, чија цел е пропаганда и дезинформирање. Според податоците што ги имаме, само од Германија, од 2013 година, заминаа повеќе од 880 лица на боиштата во Сирија и во Ирак. Од Швајцарија, пак, заминаа 60 лица. Една третина од заминатите се вратија во Германија, а во Швајцарија се вратија 14 лица. Повеќето од нив се како темпирани бомби“, велат во својот текст Масен и Сеилер.
Во овој труд се истакнува дека ниту една држава што има меѓународна мрежа нема сама да го победи глобалниот тероризам и се додава дека ова важи и за кибер нападите и за дезинформациските кампањи. Исто така, се додава дека ова може да биде закана за парламентарните избори во Германија во 2017 година.