Hasan Esen
23 Јануари 2022•Ажурирај: 24 Јануари 2022
Министерството за надворешни работи на Велика Британија соопшти дека e откриено оти Русија прави план да формира проруска администрација во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Поседуваме информација дека руската Влада сака да донесе на функција проруски лидер во Киев. Поранешниот украински пратеник Евгениј Мураев се смета како потенцијален кандидат“, се наведува во писменото соопштение на британското МНР.
Во соопштението се истакнува дека исто така поседуваат информации дека руското разузнавање ги продолжува своите врски со бројни поранешни украински политичари.
„Меѓу овие лица се Сергиј Арбузов, кој во период од 2012 до 2014 година ја вршеше функцијата вицепремиер; Андриј Кљуев, кој во период од 2010 до 2012 година ја вршеше функцијата вицепремиер, како и началник на Генералштабот на украинската Војска во периодот на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович; Владимир Сивкович, поранешен заменик-претседател на Националниот совет за безбедност и одбрана на Украина; и Микола Азаров, кој во периодот од 2010 до 2014 година ја вршеше функцијата премиер“, се вели во соопштението.
Се тврди дека дел од овие лица имаат врски со руските разузнавачки службеници за кои се вели дека моментално се задолжени за планирање напад врз Украина.
Според соопштението, британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, рекла дека овие информации фрлаат светло врз димензијата на руските активности што се извршени со цел нарушување на редот во Украина и даваат идеја за мислењето на Кремљ.
Трас нагласила дека Русија треба да ги намали тензиите, да стави крај на агресијата и кампањите за дезинформација и да го следи дипломатскиот пат.
Според неа, каков било руски воен напад врз Украина ќе биде голема стратешка грешка што ќе донесе сериозни последици.
„Јасен е ставот на Велика Британија во врска со Украина. Отворено го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет (на Украина) во рамки на границите кои се меѓународно прифатени, вклучувајќи го и Крим. Украина е независна и суверена земја“, се додава во соопштението.