Mesut Zeyrek
05 Февруари 2020•Ажурирај: 06 Февруари 2020
КЕЛН (АА) - Организаторите на престижниот бал Земперопер во Германија ја повлекоа наградата „Ред Сент Џорџ“ со која оваа година го одликуваа египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во петок во славната дрезденска опера ќе биде одржан традиционалниот бал Земперопер, а организаторите предизвикаа големи контроверзии поради одликувањето на египетскиот претседател Ал Сиси.
За разлика од организаторите кои на официјалната интернет-страница на Операта „Земпер“ наведоа дека Ал Сиси придонел за стабилноста во Египет, голем број невладини организации, активисти и јавни личности започнаа дискусија во која го поставуваат прашањето како е можно да се одликува диктатор кој на власт дошол со воен пуч.
Критиките се интензивирани откако во неделата одличјето му беше доделено на Ал Сиси во палатата во Каиро, по што организаторите конечно рекоа дека го повлекле признанието што го дале.
Голем број учесници најавија откажување на учеството на балот, а и германските емитери рекоа дека не би го пренесувале делот на манифестацијата со претставувањето на овогодишниот орден „Сент Џорџ“.