Associated Press
23 Март 2024•Ажурирај: 25 Март 2024
ЊУЈОРК (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) во понеделник треба да гласа за резолуцијата со која се бара хуманитарен прекин на огнот во Газа за време на светиот муслимански месец Рамазан, известува Анадолу.
Сепак, Соединетите Американски Држави (САД) предупредија дека мерката може да им наштети на преговорите за ставање крај на непријателствата меѓу Израел и Хамас.
Нацрт-резолуцијата е поднесена од Алжир, Малта, Мозамбик, Гвајана, Словенија, Сиера Леоне и Швајцарија.
Претходно Русија и Кина ставија вето на резолуцијата предложена од САД.
Арапската група од 22 нации во ОН синоќа издаде соопштение во кое ги повика сите 15 членки на Советот да „дејствуваат единствено и итно“ и да гласаат за резолуцијата „за да се запре крвопролевањето, да се сочуваат човечките животи и да се спречат понатамошни човечки страдања и уништувања“.
„Времето за прекин на огнот одамна мина“, соопшти арапската група.
Советот се очекува да гласа за резолуцијата во понеделник наутро. Гласањето беше претходно закажано за сабота наутро, но е одложено утринава, соопшти дипломат на ОН.
По 7 октомври, кога почнаа израелските напади врз Газа, Советот за безбедност на ОН усвои две резолуции за влошената хуманитарна ситуација во Газа, но во ниту една не повика на прекин на огнот.
Најмалку 32.070 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди испорака на хуманитарна помош до цивилите во Газа.
Непријателствата, за жал, продолжуваат со несмалено темпо, а испораките на хуманитарната помош е недоволна за справување со хуманитарната катастрофа.