Dildar Baykan
22 Мај 2019•Ажурирај: 23 Мај 2019
ЊУЈОРК (АА) - На Универзитетот „Колумбија“, во Њујорк, е одржана панел-дискусија „Геноцид врз араканските муслимани“, јавува Anadolu Agency (AA).
Учесници на панел-дискусијата беа писателот Азеем Ибрахим, директорката на „Фри Рохинџа коалишн Њујорк“ (Free Rohingya Coalition New York), Кин Маи Аунг, директорот на програмата „Бурма таск форс Њујорк“ (Burma Task Force New York) и на ОН, Адем Карол, Adem Carrol и писателката Ешли Ај Ај Дан.
Ибрахим во таа прилика изјави дека араканските муслимани долги години се соочуваат со големи притисоци и тиранија.
„Но зошто тој проблем во 2017 година дојде на толку лошо ниво? Бидејќи секој геноцид кога се приближува прво го уништува пулсот на меѓународната заедница. Доколку вие не го подигнете гласот поради претходната тиранија, резултатот ќе биде геноцид“, смета Ибрахим.
Тој додаде дека и понатаму се вршат притисоци на араканските муслимани во Мјанмар.
„Кризата на араканските муслимани е најлоша криза на сите времиња. Ситуацијата во камповите во Бангладеш, каде што престојуваат араканските муслимани, е многу лоша“, изјави Ибрахим.
На учесниците им ја покажа и состојбата во која се наоѓале селата во кои араканските муслимани живееле пред 2017 година, како и состојбата потоа.
Кин Маи Аунг изјави дека војската, откако е прогласена независноста на Мјанмар, настојувала да изгради земја која е составена само од будисти.
„Војската, како што растеше будистичкиот национализам, како цел ги зеде не само араканските муслимани, туку и другите етнички групи. Она што се случува во Аракан е јасен пример на сепаратистичката политика на војската“, смета таа.
Карол укажа на тоа дека дури и социјалните мрежи, меѓу кои Фејсбук и Твитер, се користат за ширење омраза во Мјанмар.
Тој додаде дека земјите меѓу кои се Русија, Индија, Кина и Израел, и покрај тоа што се случува во Аракан, продолжуваат со продажбата на оружје на Мјанмар. Се верува дека Кина, поради сопствените интереси, го вперила погледот во Аракан.
„Доколку араканските муслимани се вратат во својата земја, тогаш прво треба да им се вратат одредени права и имот. Во спротивно, ќе бидат соочени со мјанмарските власти кои се подготвени да ги пратат во кампови“, изјави Карол.
Ешли Ај Ај Дан укажа на исламофобијата и ксенофобијата, кои подолго време се присутни во Мјанмар.
Муслиманите Рохинџа, опишани од Обединетите нации (ОН) како најпрогонуваната заедница во светот, се соочија со зголемени стравувања од напади, откако повеќе десетици беа убиени во насилствaта во 2012 година.
Според извештајот на Меѓународната агенција за развој „Онтарио“ (OIDA), од 25 август 2017 година, речиси 24.000 Рохинџа муслимани се убиени од безбедносните сили на Мјанмар.
Нападите прераснаа во класичен облик на етничко чистење, а мјанмарската војска запали стотици муслимански села. Во соседен Бангладеш се протерани 750.000 Рохинџи.