İdiris Okuduci
09 Јуни 2020•Ажурирај: 10 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Вооружени групи во Либија извршија упад во комплексот на најголемата рафинерија за нафта во Либија, само два дена откако започна со производството, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Производството во рафинеријата „Ел Шарара“ беше прекинато на 18 јануари оваа година, а од либиската Национална нафтена корпорација соопштено е дека рафинеријата продолжила со производството од 7 јуни.
Медиумската куќа „Блумберг“ јавува дека вооружени групи денеска извршиле упад во тој рафинериски комплекс во југозападниот дел на Либија.
Истиот извор јавува дека напаѓачите со оружје им се заканувале на работниците и дека од нив барале да престанат со производството на нафта, а досега нема информации дали погоните на рафинеријата се затворени.
Рафинеријата „Ел Шарара“ има капацитет на дневно производство од 300.000 барели нафта, а од либиската Национална нафтена корпорација соопштија дека производството е обновено со капацитет од 30.000 барели на ден.
Нелегитимните вооружени групи што ги предводи Калифа Хафтар, во јануари, во соработка со лојалните племенски водачи, го прекинаа производството на нафта на полињата Ел Шарара и Ел Фел, и така вршат политички притисок врз меѓународно признатата либиска Влада за национално единство.
Милитантите на Хафтар го прекинаа производството во рафинериите „Ел Шарара“ и „Ел Фел“ на 18 јануари, кога ги блокираа пристаништата во пет града од кои се извезува нафтата. Тоа ѝ нанесе штета на либиската економија од најмалку пет милијарди долари. Затворањето на рафинериите и пристаништата се случи само еден ден пред Меѓународната мировна конференција што се одржа во Берлин.