Abdula Berisha
22 Ноември 2023•Ажурирај: 23 Ноември 2023
СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го поздрави договорот постигнат меѓу Хамас и Израел, јавува Анадолу..
„Гледаме поголема глобална конкуренција, конкуренција на големи сили. Војната во Украина продолжува, како и новата војна на Блискиот Исток. Го поздравувам договорот меѓу Хамас и Израел што треба да доведе до ослободување на заложниците и прекин на непријателствата, како и овозможување испорака на хуманитарна помош“, рече Столтенберг.
Израел и Хамас синоќа објавија дека постигнале договор за четиридневна хуманитарна пауза и размена на заложници и затвореници, во што е вклучена размена на 50 Израелци кои ги држи Хамас во замена за 150 Палестинци од израелските затвори.
Се верува дека палестинската група Хамас држи најмалку 239 Израелци по прекуграничниот напад на групата на 7 октомври, по што Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа.
Властите во Газа велат дека оттогаш бројот на Палестинци загинати во израелските напади на опколената енклава изнесува на 14.128, вклучително 5.840 деца и 3.920 жени. Во меѓувреме, официјалниот израелски биланс на загинати е околу 1.200.
Инаку, Столтенберг престојува во посета на Скопје, каде што заедно со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ги пречекуваат за среба лидерите на земјите сојузници на НАТО од Западен Балкан, односно лидерите на Албанија, Хрватска и Црна Гора.
Во својот говор пред почетокот на средбата, Столтенберг ѝ се заблагодари на Северна Македонија за нејзиното лидерство и посветеноста на НАТО и истакна дека Северна Македонија е успешна земја на многу различни начини, вклучително и со успешната мултиетничност што ја покажува во регионот, но и пошироко, луѓето од различно потекло можат да живеат заедно во мир.
„Северна Македонија е високо ценет сојузник и тоа го докажува фактот што денес доаѓаме овде, на овој Самит на лидерите на НАТО. Со нетрпение очекувам да разговараме за безбедноста на регионот со лидерите, но и да адресираме некои од предизвиците со кои се соочуваме надвор од овој регион“, рече Столтенберг.