Erbil Başay, Cüneyt Karadağ
26 Септември 2021•Ажурирај: 27 Септември 2021
БЕРЛИН
Германија денес гласа за 20-тиот состав на Бундестагот, известува Агенција Анадолија (АА).
Уште во раните утрински часови гласачите почнаа да пристигнуваат на избирачките места за да го дадат својот глас.
Процесот на гласање, кој започнува во 8:00 часот по локално време, ќе трае до 18:00 часот.
На изборите учествуваат 47 партии, а право на глас имаат приближно 60,4 милиони избирачи.

На изборите за пратеничко столче се натпреваруваат 6.211 кандидати, а во 16 покраини поставени се 85.000 гласачки кутии во 299 изборни единици.
Се очекува бројот на пратеници во Бундестагот, во кој има 709 пратеници, да се зголеми уште повеќе поради различната имплементација во изборниот систем.
На изборите во Германија учествуваат повеќе од 100 кандидати со турско потекло. Се очекува 20-ина од нив да влезат во Парламентот.
На овие избори за првпат ќе гласаат 2,8 милиони гласачи. Од вкупниот број избирачи, 31,2 милиони се жени, а 29,2 милиони се мажи.
Додека 21,3% од гласачите се постари од 70 години, стапката на гласачи под 30-годишна возраст изнесува 14,4%.
Се очекува на овие избори да се зголеми бројот на избирачи што ќе гласаат по пошта, при што се проценува дека најмалку 40% од гласачите ќе го искористат тоа право.

На изборите, на кои не се кандидираше актуелната канцеларка Ангела Меркел, која е на власт 16 години, за позицијата канцелар на Германија се натпреваруваат тројца кандидати. Кандидати за премиер на Германија се Армин Лашет (60), шеф на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Олаф Шолц (63), кандидат на Социјалдемократската партија (SPD) и актуелен министер за финансии, и Аналена Баербок (40), кандидатка на Партијата на зелените и партиски копретседавач.
Според анкетите, се очекува трката за победник на изборите да биде помеѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД.
На изборите што се одржаа во 2017 година, ЦДУ/ЦСУ освои 32,9% од гласовите, СПД 20,5%, АфД 12,6%, ФДП 10,7%, Партијата на левицата 9,2% и Зелените 8,9% од гласовите.