Abdullah Doğan
26 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
БЕЈРУТ (АА)
- Абдулах ДОГАН
И покрај сите неволји, палестинската младина и децата во бегалските кампови во Либан гледаат на иднината со многу надеж и страст за слобода, известува Агенција Анадолија (АА).
Стотици илјади Палестинци живеат во бегалските кампови во Либан уште од прогонот во 1948 година по основањето на Израел.
Палестинските бегалци со децении живеат во мали куќи нанижани во тесни улици во бегалските кампови и го сонуваат денот на враќање во родната Палестина.
Сиромаштијата, старата и дотраена инфраструктура на камповите се само некои од проблемите на таа популација.
Палестинските деца не посетуваат државни училишта, туку во камповите учат во училишта со кои раководи агенцијата УНРВА (UNRWA). Во тие училишта наставата ја следат близу 237.000 палестински деца. Во секое одделение има повеќе од 60 деца.
Во решавањето на константните проблеми на недостиг од наставен кадар и школска опрема и прибор, помагаат бројни меѓународни организации, вклучувајќи ја и Турската хуманитарна организација за човекови права и слободи (ИХХ), но значаен број палестински деца не го завршуваат училиштето, бидејќи се приморани да почнат да работат, за да им помогнат на своите семејства.
Актуелната младина која се нарекува четврта генерација на Палестинци во тие кампови, активно ги користи социјалните мрежи. Станува збор за деца од 6 до 14 години, кои љубовта кон своите корени и татковината ја искажуваат и со графити на ѕидовите од кампот.
На тие графити јасно може да се прочита и нивната страст кон идејата за слобода и независност.
Харун Обајери, претставник на хуманитарната фондација ИХХ, за АА изјави дека обезбедуваат константната помош за 1.200 палестински сирачиња во камповите во Бејрут.
„Трогнати сме од сцените во овие кампови. Сакаме тие деца и понатаму со надеж да гледаат кон иднината. Најмногу сме трогнати од фактот дека овие деца продолжуваат да чувствуваат љубов и приврзаност кон татковината и корените децении откако нивните предци се протерани. Овие деца имаат соништа и фантазија и тоа го покажуваат со своите графити на ѕидовите“, рече Обајери.
Тој истакна дека би сакал сите да видат колку среќа на лицата на тие деца носи еден обичен балон или некоја играчка.